Премиерот, Зоран Заев, доби аплауз од парламентатното мнозинство по говорот што го одржа откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, му постави прашања за договорот постигнат со Грција. Јовановски употреби многу квалификации и навреди против Заев во своите прашања поради што беше критикуван од пратениците од власта и од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
-Не е срам да умреме, срам е да си го смениме името, без име и гробовите ќе ни бидат празни – рече Јовановски кој го нарече Заев предавник.
Одговарајќи премиерот му рече дека тој е човек што некогаш спиел по коцкарници во Струмица, а сега се претставува како првоборец во одбрана на името.
-Вие со сите ваши аморални аспекти се дрзнавте да користите безобразни дрски зборови и недозволива навредливост во парламентот. Колку и да сте глумец, и вашата реторика е актерска, тоа не ви го дава за право. Македонија конечно има шанса да одлучи каква иднина посакува. Македонија ќе ја има ако граѓаните застанат зад референдумското прашање. Конечно сме признати, како држава и како нација. Со овој договор ја исполнивме веквната аспирација на нашите претци, да имаме држава. До сега бевме понижени, сега имаме признавање на националниот идентитет – рече Заев.
Тој и се обрати на опозицијата на Јовановски и рече:
-Можете да пукнете ако сакате што не го решивте ова прашање, од ова произлегува целиот ваш антагонизам кој го ширите, ова е недозволиво. Во целиот период од вашето владеење само математиката за политички поени ви беше важна, државата беше последна на вас, се што правевте беше како подолго да се одржите на власт. Ова е решение кое ја гарантира нашата држава. Конечно да имаме имотен лист, да бидеме членка на НАТО и ЕУ. Граѓаните сакаат да престанат да шлапкаат во калта, да имаат овде деца и внуци, а не да мечтаат од странство. Нема перспектива во држава без интеграции. Лицемерно е да зборувате вака а да сте за НАТО и ЕУ. Определете се конечно – им порача Заев на опозициските пратеници.