Заев: Моја задача е да носам тешки одлуки, ЕУ да ги исполни ветувањата за Западен Балкан!

by Fokus

ЕУ да ги исполни ветувањата за Западен Балкан додека ние го европеизираме нашето општество за да ги постигнеме стандардите за нашите граѓани кои природно се дел од европското семејство, порача денеска премиерот Зоран Заев на Тиранскиот економски форум 3.

Заев пред еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и српската премиерка Ана Брнабиќ, истакна дека повеќе од секогаш е потребна храбра политичка акција, покажување визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат европскиот континент.

Северна Македонија, напомена премиерот, никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа, но изминатата 1,5 година помина процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање и се исправи пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на нејзиниот просперитет.

Премиерот потсети и дека земјава прва од регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, само четири години подоцна стана и кандидат на членство во ЕУ, во 2009-та ја доби првата позитивна препорака за почнување преговори со ЕУ, но, денес, 16 години подоцна, се уште е во чекалната на ЕУ.

-Како премиер, мојата задача е да носам тешки и храбри одлуки, да работам во најдобриот интерес на моите граѓани и да работам заедно со Владата која ја предводам, да работам за онаа посветла иднина и визија која ја предложија пред 70 години втемелувачите на денешна современа, просперитетна и обединета Европа. Токму и затоа пред четири години ги отворивме најгорливите дипломатски прашања со нашите соседи и истите ги затворивме во духот на добрососедството, современата мултилатерална политика и желбата за обединет регион кој просперира храбро напред. Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање, но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија, напомена премиерот.

Поврзани новости