На дебатата за Договорот од Преспа, на која учествувавме јас и Алексис Ципрас, им испратив јасна порака на премиерите на Грција и Северна Македонија, Мицотакис и Мицкоски да ја преземат одговорноста за целосно спроведување и почитување на Преспанскиот договор, рече екс премиерот Зоран Заев.
-Мицкоски да покаже лидерство и да ги почитува одредбите од Преспа, бидејќи јавно изјавува дека ќе го почитува Договорот. Но, ако тој не го употребува уставното име на нашата земја не само што испраќа лош пример пред граѓаните со кршење на Уставот, туку тој со тоа ќе крши и меѓународен договор и со тоа го доведува во ризик евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Мицотакис во повеќе наврати јавно потврди дека ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат до членство во ЕУ. За време на неговиот мандат двојно повеќе е зголемена економската соработка меѓу двете земји, а авионите на грчката армија веќе патролираа на нашето небо како дел од соработката како НАТО членки.
Со тоа Грција ги исполнува обврските кои произлегуваат од трите меморандуми како обврска од Преспанскиот договор и токму затоа нема потреба да се одлага нивната ратификација во Парламентот на Грција, истакна Заев.