Заев: Мицкоски може да се прегрнува само со негови соработници, затоа реков дека најверојатно бил Таравари

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, го појасни денеска неговиот коментар даден во интервју за емисијата „360 степени“ кога ја коментираше изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека при посетата во Гостивар се прегрнувал со граѓаните за да докаже дека Албанците би гласале за него на избори. Заев вели дека со коментарот дека човекот со кој се прегрнувал Мицкоски морало да биде градоначалникот, Арбен Таравари, или некој од неговиот кабинет, всушност сакал да каже дека ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците имаат многу добар соработка во овој град.

-Мојот коментар беше за непроменливиот став на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски во врска со нашето мултиетничко општество. Тој може да се прегрнува само со некој со кој директно соработува. Сакаме да имаме пријателски чувства едни спрема други, но прво политичарите треба да ги сменат нартивите, инаку ќе се гушкаме само со тие со кои соработуваме директно и од кои имаме интерес, како соработката на локално ниво меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците – изјави Заев утринава.

На прашање дали ги затвора вратите за коалицирање со друга партија од албанската опозиција, премиерот рече дека има добра соработка со ДУИ, иако, додаде, „имаме и свои проблеми во таа соработка, што е нормално“.

Во врска со пописот, Заев рече дека првично било предвидено да се спроведе помеѓу 1 и 31 април, но поради изборите ќе биде одложен за мај, или во текот на есента следната година.

 

Поврзани новости