Заев: Милошоски да не го блокира изборот на амбасадори

by Fokus

Злоупотребата на постапката за изборот и акредитирањето на амбасадорите од страна на претседателот на Комисијата за надворешни работи во Парламентот навистина претставува крупен проблем за државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.

Заев, посочи дека има одлуки за сите испразнети амбасадорски места, но дека проблемот е во Парламентот и дека до крајот на годината ќе изнајдеме решение за сите.

-Последното случување е со нашиот избран, односно предложен кандидат за амбасадор во ОН, професорот Фрчкоски каде што директно претседателот на Комисијата вели дека нема да дозволи. Имаме непополнети места прво во соседна Бугарија и во соседна Србија. Треба брзо да одлучуваме, имаме непополнети места во Вашингтон, непополнети места во Брисел – во Белгија како место, во Словачка, во Израел, во Турција и тоа се сериозни позиции каде што треба да донесеме брзо одлука, изјави Заев.

Минатата недела во јавноста се дозна дека поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски е предложен за македонски амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е претседател на собраниската комисија за надворешна политика, реагираше наведувајќи дека како претседател на комисијата нема да дозволи Фрчкоски да ја претставува земјава во ОН.

Инаку пролетва во дел македонски медиуми излезе вест дека Фрчкоски бил предложен за амбасадор во Соединетите Американски Држави, но дека државата домаќин го одбила предлогот на македонската влада. Оваа вест не беше потврдена од официјални лица.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира наведувајќи дека Фрчкоски не може да биде амбасадор во светската организација.

-Љубомир Фрчкоски е неприфатлив за амбасадор на САД и доби црвено светло од Вашингтон. Заев наместо да ја сфати пораката го предлага за амбасадор во ОН.Спасувачката мисија на Заев завршува со уште еден меѓународен блам. Заев сака да го прати Фрчкоски во Њујорк, на територија на земјата која веќе го одби. Тоа е дипломатски аматеризам и дилетантизам, наведуваат од опозициската партија.

Фрчкоски, кој е професор по меѓународно право, е присутен на македонската политичка сцена од осамостојувањето на земјава во 1991 година. Во почетокот беше министер без ресор, а потоа во тогашната влада со која раководеше Бранко Црвенковски, беше министер за внатрешни, па за надворешни работи. Во 2009 година беше кандидат за претседател на државата предложен од тогаш опозициската СДСМ. На тие избори изгуби од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.

Поврзани новости