Денеска го славиме Свети Климент Охридски, жив паметник на нашата историјата и историјата на другите народи на Балканот, ученик на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет“, објави денеска на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.
Со Свети Климент Охридски, стои во честитката по повод празникот, се поврзани почетоците на македонската писменост и неговото име денес достојно го носат универзитети, факултети, училишта.
– Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и денес.
Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука, за вистина. Како и денес. Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти. Тоа е остварено во еден неминовен историски континуитет во кој свое значајно место има и големото дело на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ, се вели во честитката од Заев.