Заев: Лага е дека сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, никогаш, по никоја цена!

by fokus

Да се обединеме да ги надминеме разликите да го исполниме заветот на нашите револуционерни предци, порача премиерот Зоран Заев од Прилеп, на свеченоста по повод Денот на народното востание.

-Вечно нека трае споменот и одбележувањето на слободарското и државотворно востание со кое во меѓународната заедница на народите беше впишана државата Народна Федерална Република Македонија. Ние денеска длабоко се поклонуваме пред овој историски чин.

Денот на народното востание, е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ. Големо дело. Дело кое ги вивна вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое ја создаде државноста на нашата земја преку победата над фашизмот. Заедничката победа на прогресивните народи на Европа и Светот. За сето ова беше поднесена огромна жртва. Втората светска војна на нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви. Вечна им слава, почит и поклонение!, изјави премиерот Заев.

Тој додаде дека празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење.

-Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите косполитиски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите, рече премиерот Заев. Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, – сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите!, нагласи премиерот Заев.

Тој истакна дека Република Северна Македонија е држава со сите нишани.

-Нашето место во ООН е недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Уште на почетокот на независноста од која годинава одбележуваме три децении, граѓаните го зацртаа патот по кој треба да се движи македонската државност а тоа е патот на современите демократии, европски пат, кон демократски вредности., рече Заев.

Тој се осврна на процесот на постигнувањето на Преспанскиот договор со Грција и на договорот за добрососедство со Бугарија.

-Тоа се постигна со упорност и одважност. Тоа беа крупни и важни одлуки за да потврдиме дека нашата земја била одсекогаш Европа.

Дезинформираа дека сме го бришеле АСНОМ од нашата историја. Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избришани во преамбулата АСНОМ сега се вреднува и споменува повеќе пати, рече Заев акцентирајќи дека сега и македонскиот јазик си има свој празник 5 мај и дека за него се зборува насекаде во светот.

Премиерот говореше и за членството во НАТО и за тоа колку гордо се развиорело македонското знаме на еден од јарболите во дворот на НАТО кога и се интонираше македонската химна.

Премиерот се осврна и на перспективите кон Европската Унија од која очекува реално да ги претстави перспективите на проширувањето и дали тоа останува и натаму стратешка цел на Европската Унија. Македонија денес е успешна приказна која со својот пример почнува да ги менува сликата и манирите на Балканот.

Заев од свеченоста во Прилеп по повод Националниот празник 11 Октомври-Денот на народното востание, повика да се надминат поделбите и да се обединиме со тоа што ќе се исполни аманетот на нашите предци што како завет ни е оставен од Илинденското Востание преку АСНОМ до референдумот за независност.

Поврзани новости