Поддршка за европските перспективи на нашата држава е изразена на денешната средба на премиерот Зоран Заев со Илхан Ќучук, европратеник и известувач за Република Северна Македонија во Европскиот парламент. Констатирано е дека билатералните односи треба да се решаваат посебно меѓу државите и не треба да бидат дел од европската преговарачка рамка. Воедно е изразена заедничка согласност дека е потребно нашата држава да продолжи по реформскиот пат, информира владината прес-служба.
-Целосно сме фокусирани на реформите, со најголем фокус на правосудството, каде започна практичната имплементација на донесените законски решенија. За нас нема алтернатива за членството во Европската унија. Низ политиките на разбирање и дијалог ќе продолжиме да работиме, со цел придонес во добрососедските односи и не само затоа што тоа е важно за европскиот начин на однесување, туку и поради потребата од пријателските односи помеѓу соседските држави, рече премиерот Заев.
На средбата е оценето дека европскиот наратив, во духот на пријателството, поттикнува конструктивност и води кон добри односи и помеѓу државите и народите во нив.