Заев: Кризата ќе продолжи во следните шест до осум месеци, се спремаат нови финансиски пакети

by fokus

Наскоро Владата ќе предложи нов пакет финансиска поддршка за компаниите што трпат последици од пандемијата.

Премиерот Зоран Заев, пред средбата со Сојузот на стопански комори, најави дека четвртиот пакет мерки и сите следни ќе бидат дефинирани во разговори со коморите, синдикатите и другите чинители, по што најверојатно тие ќе бидат претставени и пред Собранието, бидејќи веќе нема вонредна состојба и нема владини уредби.

„Предвидувањата се дека во следните шест до осум месеци кризата ќе продолжи и целиот овој период мора да го поминуваме заедно бидејќи заедно сме посилни и помудри. Во такви околности почнуваме со дискусија и дебата за креирање нови пакети за економијата и за граѓаните“, рече Заев.

Тој најави и дека е можно да се продолжи и со мерката за платежни картички бидејќи, како што рече, тие се голема поддршка за пензионерите со мали пензии, за невработените лица што работат на неформалниот пазар на труд и за оние со многу ниски примања, самохраните родители, стечајните работници и други категории граѓани.

Премиерот истакна дека една од првите грижи на Владата е да се спречи отпуштањето на работниците.

„Бројките на отпуштени работници неприродно пораснаа од 12-13 000 на 22-23 000, а по некои статистики и на 30 000 невработени, но не се 140 000. За нас е важно секое работно место и затоа треба да знаат деловните луѓе дека државата продолжува да помага. Сакаме да им се најдеме, но не можат да очекуваат директна помош и поддршка ако не водат грижа за својот највреден капитал, а тоа се работниците“, рече Заев.

Поврзани новости