Заев: Крајната цел на предлог-планот „3 – 6 – 9“ е утврдување на датум за преговори

by fokus

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната прес-конференција во Владата ги соопштија деталите од предлог-планот „3 – 6 – 9“ за спроведување на реформските приоритети. Името на планот е поврзано со бројот на потребните месеци за спроведување на краткорочните, среднорочните и на долгорочните реформски мерки.

„За 3 месеци треба да ги заокружиме првите реформи. Целта ни е до одржувањето на локалните избори да обезбедиме аргументација за Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на преговорите.

За 6 месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта е до Советот на Европската Унија во декември да покажеме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата на Македонија како сериозна земја кандидат.

За 9 месеци имаме намера да ги имплементираме третиот круг на реформи, за до следниот извештај на Европската комисија за Македонија да ги насочиме земјите членки на Унијата кон дискусија за утврдување на датум за преговори на Европската Унија со Македонија“, рече премиерот Заев на денешната прес-конференција.

Како што изјави премиерот, Владата на Република Македонија прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските инеграции после долгогодишниот застој на државата.

„Правецот на реформите кои ги предлагаме произлегуваат од Програмата за работа на Владата од 2017-2020-та година, а ги земаат во предвид и Договорот од Пржино, препораките од средбите со претставници на институциите на Европската Унија, насоките од Европската комисија и сите други официјални документи“, рече Османи.

Премиерот најави реформи во судство, реформи во медиумите, борба против организираниот криминал и корупцијата, демократски парламент, реформи во јавната администрација, кохабитација со претседателот на државата итн.

Владата на вчерашната седница го усвои планот, кој треба да придонесе за добивање неусловена препорака за почеток на преговорите со ЕУ, како и да се забрза интегрирањето во НАТО.

Поврзани новости