Кога ЕУ потфрла ние имаме обврска постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот. Европеизацијата и европските стандарди нема зошто да чекаат. Правиме крупни чекори за европеизација на нашиот регион. Кога со Вучиќ и Рама ја создававме визијата за „Отворен Балкан“ се согласивме да не надвладее евроспкептицизам поради неуспехот на ЕУ, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Тирана по состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“.
Заев рече дека Брисел може да одлучи и да ги забави очекувањата, но европеизацијата и европските стандарди во Србија, Албанија и Северна Македонија, нема зошто да чекаат или да бидат забавувани.
– Сакам да потенцираме дека „Отворен Балкан“ не е замена за членство во ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот. „Отворен Балкан“ е Европа и ништо помалку од тоа. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членството во ЕУ, истакна Заев.
Премиерот додаде дека „Отворен Балкан“ како ново и силно регионално поврзување, доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници и стопанските комори на нашите три земји што се согласија дека „Отворен Балкан“ е платформата која му е потребна на регионот.
– Во последниот ден од мојот ангажман како премиер на Северна Македонија, огромни се и честа и задволството што уште еднаш директно учествувам и придонесувам во остварување на иницијативата Отворен Балкан. На почетокот јас и моите колеги, другари и браќа Вучиќ и Рама, нагласивме дека Отворен Балкан е заеднички проект создаден за добробит на целиот регион отворен за сите земји од регионот, рече Заев.