Премиерот Зоран Заев, придружуван од членовите на Владата, денеска ја прими во посета делегацијата од Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, предводена од членот на комитетот, естонскиот европратеник Туне Келам.
Како што соопшти владината прес-служба, изразувајќи благодарност на Владата на РСМ за несебичната поддршка на Европскиот парламент и евро-пратениците од сите идеолошки групи, Европската комисија, Европскиот совет и Советот на Европската унија, како и државите членки на Европската унија, нашите соседи и многу други активни чинители, Заев рече дека таа беше клучна за цврсто да зачекориме напред.
-Тоа особено дојде до израз во конкретните задачи што стоеја пред Владата како што беа преговорите со Владата на Грција со што се затвори проблем кој постоеше повеќе од 25 години и кој се трансформираше во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ. Како резултат на надминувањето на историскиот спор и високата усогласеност со стандардите на НАТО алијансата, Република Северна Македонија доби протокол потпишан од сите 29 НАТО сојузници за да стане 30-та членка на најмоќниот безбедносен сојуз кој сега е во фаза на ратификации во парламентите на државите членки на НАТО, со темпо кое ветува дека до крајот на оваа година Северна Македонија ќе биде и полноправна членка на Алијансата, рече Заев.
Тој нагласи дека паралелно со овие процеси, Владата работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018 како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.
-Знаеме дека пред нас има долг пат за одење, кој ќе биде исполнет со макотрпна работа и силна волја. Но, гордо можеме да кажеме дека денес судството е понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте, истакна премиерот Заев на средбата со делегацијата од Европскиот Парламент.