На Самитот на НАТО во Лондон на 3 и 4 декември Северна Македонија ќе седне на иста маса со лидерите на земјите членки на Алијансата. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, а во нејзин состав ќе бидат и министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Никола Димитров.
Земјата ја дели само една ратификација од полноправното членство во НАТО, со оглед дека за десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка.
Во пресрет на самитот, на последниот координативен состанот одржан вчера во Скопје, на кој присуствуваа министерката Шекеринска и шефот на дипломатијата Димитров и шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанкович, Шекеринска изрази благодарност до полковникот Јанкович во име на Владата, но и граѓаните, бидејќи, како што рече НАТО канцеларијата беше тука и во добро и во лошо.
-За неколку дена во Лондон се организира лондонскиот лидерски Самит, на кој прв пат ќе имаме прилика да седнеме на иста маса со лидерите на најмоќната Алијанса во историјата на човештвото. Прв пат нема да дозволиме некој друг да дискутира за нас, туку ние ќе седнеме на масата, на која се носат одлуки кои имаат важност во светски рамки, нагласи Шекеринска.
Димитров истакна дека веќе е подготвен нацрт-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор. Потсети дека неодамна учествувал по втор пат на министерски состанок на ниво на шефови на дипломатии на земјите од НАТО во Брисел.
-Укажав дека нашиот ентузијазам го насочуваме во завршување на реформите, ја почитуваме заложбата во однос на споделувањето на товарот, како што кажа генералниот секретар Столтенберг, убаво е да се има пријатели, моќни пријатели, рече Димитров.
Полковникот Јанкович изрази задоволство што имал можност со Шекеринска и Димитров да направат резиме на сите случувања и активности пред престојниот Самит, на кој, како што рече, ќе се дискутираат важни прашања за Алијансата.
-Ќе имате можност да седите на иста маса со лидерите на НАТО, што е важен знак за вашата посветеност и напорите, што ги направивте изминатите две години. Ова е резултат на работата на оваа Влада, но ќе потенцирам дека тука голема заслуга имаат министерствата за одбрана и за надворешни работи, посочи Јанкович.
Според Јанкович, по официјалното членство, земјата треба да продолжи да работи во насока на интеграција на структурите на Армијата, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи.
Претседателот Стево Пендаровски изјави оти се надева дека Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО до крајот на декември, и оти за тоа во изминатиот период имал повеќе формални и неформални комуникации.
Во однос на тоа дали кога ќе заврши ратификацијата во Шпанија и нашиот Парламент ќе успее да го ратификува Протоколот, до неговото распуштање на 12 февруари, Пендаровски вели дека е поважно да се фокусираме на она што се случува во Шпанија, каде, вели, има некаков почетен успех за нова коалиција на власт меѓу двете најголеми партии.
-Факт е дека шпанскиот Парламент сега е подиверзифициран отколку што беше пред овие избори, и дека веројатно по дефиниција потешко ќе состават влада. Сосема е небитно дали ќе биде јануари, февруари или март. Оној момент кога Шпанците ќе ратификуваат останува само нашата одлука бидејќи и ние треба да ратификуваме за да конечно депонираме во Вашингтон, вели Пендаровски.
Рече дека во изминатиот период имал формални и неформални комуникации со сите кои можеа да помогнат во оваа ситуација, меѓу нив и со бугарскиот цар Симеон Втори, кој е шпански државјанин со исклучително добри конекции со владејачката структура, и со Хавиер Солана поранешен генерален секретар на НАТО и висок претстваник за заедничка надворешна и безбедносна политика на НАТО, а со цел да бидеме сигурни како држава дека се што е до нас сме направиле за да се случи таа ратификација бидејки со тоа ја затвораме најважната стратешка цел која земјата ја чека од 1993 година.
Во однос на амбасадорското место во НАТО, рече дека се надева оти координациите во рамки на Владата ќе завршат наскоро, можеби и во наредната недела до две, и потоа тој треба да добие официјален предлог.