Премиерот Зоран Заев, при работната посета на преспанскиот регион, изврши увид на напредокот на работите на иницијативата за Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно, заедно со своите соработници, како и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски и Мери Стојанова, директорка на битолскиот Завод и Музеј.
„Денес се наоѓаме пред објектот на старото училиште во с. Љубојно, кое претставува еден од најважните објекти од почетокот на XX век во Преспа. Неговото значење не произлегува во толкава мера од неговите уметничко-стилски и архитектонски карактеристики туку многу повеќе од неговите културни и општествени вредности. Имено тоа претставува лулката, односно второто училиште во Македонија, во кое по завршувањето на Втората светска војна, започна да се одржува настава на македонски јазик.
Ова е показател на самосвеста на локалното население за неговата самобитност и посебност, и за неговите напори за втемелување на основните човекови определби.
За жал еден долг период ова училиште беше потполно заборавено и напуштено, што може да се забележи од неговиот денешен изглед. Но, по прогласувањето на с. Љубојно за заштитена споменичка целина, и превземените иницијативи од страна на Владата, за обнова на старото училиште, сѐ поизвесна станува реализацијата на сонот на генерации и генерации ученици, кои ги поминале своите училишни денови во овој објект и кои сонуваа, и сѐ уште сонуваат, повторно да го видат во сиот негов сјај“, истакна директорката Стојанова.
Како што истакна Заев, оваа иницијатива се покренала две години од потпишувањето на Договорот од Преспа и со тоа се штити нашиот идентитет.
„Секогаш со посебна драж му се навраќаме на Љубојно во Преспа следејќи го напредокот на иницијатива за основање на Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.
Оваа иницијатива се покрена по повод две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, како и во чест на 76 годишнината од основањето на второто училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна, откако првото училиште беше основано во Дебарца и Подвис, уште за време на Втората светска војна во 1943 година.
Со Договорот од Преспа ги премостивме речиси три-децениските разлики со Грција и ги обезбедивме нашите перспективи во евроатлантските и европските интеграции. Уште две главни придобивки произлегоа од овој историски договор. Се заштити нашиот идентитет во рамките на меѓународното право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, а со тоа се потврдија и нашата култура и културно наследство“, истакна Заев.