Одржувањето на изборите на 12 април е затворено прашање и сите партии се согласни со датумот, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче Веле на македонски јазик, во кое, меѓу останатото се осврнува и на неговата досегашна работа на премиерската функција и на постигнувањата на актуелната влада, пред се во економската и социјалната сфера, за заканите на опозицијата за негова дискредитација, за состојбата во правосудството, за очекувањата за старт на преговорите за членство во ЕУ, за спорот со Бугарија и за иднината Договорот од Преспа.
– Преодната влада треба да се формира на 3 јануари и од тоа не треба да има никакви отстапки. Изборите на 12-ти април треба да ги гледаме како затворено прашање, сите партии се согласни со датумот. На предлозите на опозицијата за министри и дополнителни заменици министри треба да се гледа на едноставен и прагматичен начин, нагласува Заев.
Во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ министер за внатрешни работи во техничката влада да биде воено лице, Заев вели дека се појавува дилемата околу уставноста на ваквиот предлог, бидејќи Уставот експлицитно бара за министер да се назначи цивилно лице.
– Ќе продолжат разговорите со опозицијата, верувам дека оваа дилема брзо ќе се расчисти. Ги слушаме експертите, целата јавност веќе зборува за тоа. Ако е очигледно дека ова предложено решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува, сигурен сум дека опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле, порача Заев.
Премиерот во интервјуто истакнува и дека е задоволен со тоа што направи неговата Влада во изминатите две и пол години, иако вели дека секогаш може да се направи повеќе од тоа што е направено.