Поранешниот премиер, Зоран Заев ќе го тужи австрискиот амбасадор ако уште еднаш го спомене неговото име во негативна конотација.
Неговата реакција доаѓа по соопштението што го испрати денеска австриската амбасада до медиумите во кое бара смена на судии и обвинители кои постапувале во спор меѓу австриска и валандовска компанија и обвинува дека Австријците не може да наплатат долг од 4,5 милиони евра иако имало пресуда на Меѓународниот арбитражен суд во Виена.
Заев се оградува од било каква негова инволвираност во овој спор и верува дека судот ќе донесе законита одлука.
-Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува.
Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето, вели Заев.
Тој порачува дека ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација, тој најави дека ќе ги тужи за нанесена штета врз честа и угледот.
-Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија.
Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име.
Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија, се вели во реакцијата на Заев.
Во соопштението австриската амбасада го споменува и името на поранешниот премиер, Зоран Заев објаснувајќи дека валандовската фирма е поврзана со братучетка на Заев во делот во кој се објаснува дека валандовската компанија „ДЕНА продукт“ ги префлила имотот на „Глобал трејд“.
-Тие го префрлиле најголемиот дел од својот имот на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ ВАЛАНДОВО, (ГЛОБАЛ) поврзана компанија, во сопственост на Г-ѓа Емилија Заева Костова, сопруга на г-дин Атанас Костов и братучеда на поранешниот премиер Зоран Заев, се вели во соопштението.