Владата ги прифати предложените мерки од Комисијата за заштита од заразни болести, истакна премиерот Зоран Заев, на денешната прес конференција. Ова значи дека од 18 декември до 20 јануари кафеаните ќе работат до 18 часот, а се забрануваат и новогодишни прослови на отворен и затворен простор.
-Соочени со нов предизвик во битката со Ковид-19. Соочени со изборот да продолжиме со превентивните политики и со чекори за излез од кризата сега кога вакцината е на чекор до нејзината испорака или да влеземе во ризик за неодговорно празнување на новогодишните празници, кои се пред нас, Владата на денешната седница одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 за време на празниците, истакна Заев.
Тој соопшти дека Владата донела одлука угостителските објекти да работат до 18 часот, наместо како до сега до 21 часот.
– Целта на оваа мерка да издржиме сите уште малку со ваквите рестрикции и да не дозволиме со празнување да ескалира состојбата. Мерката носи име „Празнувај одговорно!“, а целта е заштита од Ковид-19 во предвечерието на вакцинацијата, подвлече Заев.
Покрај скратување на работното време на угостителските објекти, мерките опфаќаат забрана на прослави на плоштади и во работните организации. Препорака до верските заедници да не повикуваат на масовни групирања за претстојните верски празници. Останува препораката за несобирање по домовите, собири и во викендичките и апел до граѓаните да не се излегува без некоја потреба по 18 часот.