По завршувањето на работната средба меѓу лидерите на земјите членки на Западен Балкан со Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Фредерика Могерини и со еврокомесарот Јоханес Хан, премиерот Зоран Заев изјави дека Јункер ветил сериозна поддршка за инфраструктирни проекти на Западен Балкан.
-Денеска беше едно споделено задоволство, помеѓу мене, премиерите на Западен Балкан, преку гостопримството на Бугарија и претседателот Бојко Борисов, да направиме едно резиме, со претседателот Јункер, со високата претставничка Могерини и со комесарот Хан, за заклучоците од посетата, севкупниот амбиент, и секако да разговараме за перспективите на Република Македонија и на целиот Западен Балкан. Задоволен сум што во своите заклучоци, претседателот Јункер вети сериозна инфраструктурна поддршка, односно пари за инфраструктурни проекти што треба да го поврзат Западниот Балкан меѓу себе и со целиот овој регион. Зборувавме за милијарди евра, пари кои се однесуваат и на коридорите и на севкупната поврзаност, изјави премиерот Заев.