Премиерот Зоран Заев попладнево изјави дека штом ќе ги донесе одлуките за промена на одредени функционери, тие веднаш ќе бидат јавно соопштени.
– Насловите на порталите и насловите на вестите ги пишуваат медиумите и од нив влечете заклучок и кажувате – Вие кажавте. Јас реков дека имав средба со г. Ахмети и тој е еден од коалициските партнери на СДСМ, со кој е создадена Владата. Ред е како мандатор да ги презентирам пред коалициските партнери увидените слабости за одредени личности, функционери кои имам намера да бидат сменети. Штом ќе ги донесам одлуките, ќе бидат јавно соопштени, изјави Заев во Владата, пред почетокот на настанот „Цели за одржлив развој: Јавна расправа за квалитетно образование“.
Одговарајќи на новинарско прашање за најавената реконструкција рече дека ред е прво да се соопшти на оној што номинирал одреден кандидат, за одредена позиција да знае дека тој ќе биде отстранет, без оглед од која политичка партија е.
– Ние рековме јасно, гласно и чисто и остануваме на тоа. Сум дал изјава дека ќе има промени во извршната власт и како тоа ќе го направиме, кога ќе се случи. Зошто првата половина на јуни – заради тоа што преговараме за реформските процеси и очекуваме извештај за ЕУ. Тоа за мене е веднаш, рече Заев.
Тој појасни дека по завршувањето на вториот круг на претседателските избори, не можело веднаш да се направат промени.
– Ова не е анархија, ниту е режим. Имаме демократска процедура која треба да биде спроведена. Дури и мандатарот предлага до Собранието, а Собранието избира и разрешува. Владата е таа која што менува директори, никој нема апсолутна власт. Демократска држава е, постапките течат, со самите постапки ќе биде одлучено по што веднаш ќе и биде соопштено на јавноста, потенцира Заев.
Прашан за денешната изјава на Артан Груби, Заев рече дека сите коалициски партнери имаат право да даваат свои коментари или да не даваат.
– На крајот ние сме партиципиенти во нешто што го крепи парламентарното мнозинство. Ваквата рашомонијада од изјави која можеме да ја слушнеме од одредени високи функционери на ДУИ на крајот ќе биде поткрепена да видиме која е таа вистина за која зборуваме. Јас сум мандатар, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парламентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и сл., нагласи Заев.
Коалициските партнери, како што рече, треба да знаат што ќе се случи со реконструкцијата на Владата.
-Немам намера претходно да лицитирам со имиња, да кажувам имиња и сл. Кога ќе бидат донесени одлуките веднаш ќе ги соопштиме, подвлече Заев.