Заев ја предава функцијата, Ковачевски крои изменет тим

До крајот на неделава, треба да се случи примопредавање на лидерската функција во СДСМ, а потоа и во Владата.

by Фокус

Во текот на овааа недела, треба да се случи примопревање на лидерката функција во СДСМ, откако на вчерашните непосредни внатрепартиски избори победи Димитар Ковачевски, кој треба да го наследи Зоран Заев и на премиерската функција.

На прашање на Фокус какви кадровски промени планира во партијата, но и во владата, тој вели дека ќе даде одговори откако ќе заврши процедурата во СДСМ во однос на изборот и примопревањето на функцијата, што, според него, ќе се заокружи до крајот на неделава.

Синоќа, пак, тој изјави дека после изминативе локални избори треба да се одржи отчетен Конгрес на СДСМ, на кој, како што рече, се потврдува раководството на партијата, односно Централнииот одбор, а потоа и Извршниот одбор.

-Неколку пати истакнав дека ова раководство на партијата е избрано пред само 7 месеци. Во ЦО и ИО има голем број на професионалци, луѓе кои својата кариера ја изградиле како во партијата, така и во професиите во коишто работат – рече Ковачевски.

Сепак, како што додаде, тој ќе го искористи статутарното право да предложи нови членови на ЦО, по што ќе се премине кон формирање на ИО и раководство кое, според него, на најдобар начин ќе ги отслика определбите од неговата програма, како и од владината програма.

Според неофицијални информации, поранешниот шеф на тајната полиција и организациски секретар на СДСМ Миче Зечевиќ треба да биде генерален секретар или да заземе друга висока функција во новото партиско раководство, откако се откажа од намерата да се кандидира за лидер и му се приклучи на Ковачевски.

Набргу откако ќе ја предаде лидерската позиција во партијата, Заев на Ковачевски ќе му ја препушти и премиерската функција, по што следува избор на нов владин кабинет. Поголем дел од владините министри, застанаа зад Ковачевски во трката за лидер на СДСМ (Оливер Спасовски, Бојан Маричиќ, Љупчо Николовски), но, според партиски извори, можни се одредени промени на Илинденска.

-Предлагањето на министрите и кадровските решенија во СДСМ се прави од страна на телата на партијата, што значи дека ќе мора да ја почекаме одлуката на ЦО за тоа кои се тие наши членови што би продолжиле во ресорите во кои СДСМ ќе биде застапен – истакна вчера новиот лидер на СДСМ.

Инаку, тој победи на непосредните избори за лидер на СДСМ со 37 илјади гласови од над 44 илјади регистрирани членови на партијата. Всушност, тој убедливо ги порази противкандидатите Јован Деспотовски и Фросина Ременски, кои заедно освоија околу 6 илјади гласови.

Но, треба да се истакна дека Ковачевски освои над 20 илјади гласа помалку од оние што ги доби Заев на претходните внатрепартиски избори одржани пред 9 месеци, кога се регистрираа и повеќе членови, кои за првпат добија право да го бираат партискиот лидер на директни избори.

Освен што 16 илјади партиски членови од оние што излегоа на претходните внатрепартиски избори сега останаа дома, исто така, забележително е дека уште дваесетина илјади членови на СДСМ воопшто не се регистрираа и во двата циклуси, не покажувајќи желба да учествуваат во изборните процеси.

В.С.

Поврзани новости