Претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ синоќа во Мостар на македонскиот премиер Зоран Заев му ја врачи наградата Мostar Peace Connection како благодарност за придонесот за воспоставување регионална соработка.
Заев изрази благодарност за наградата и истакна дека му е голема чест што ја потпиша Мостарската повелба за мир. Стариот мост во Мостар, додаде Заев, претставува симбол на мирот, на меѓурелигиската и меѓуетничката соработка, како и на соработката во регионот.
– Минатото беше сурово за сите нас, но знам дека од неа сите извлековме поуки. Драго ми е што има лидери во нашиот регион кои гледаат кон иднината, знаат да подадат рака и да соработуваат бидејќи само заедничката соработка може да биде гаранција за подобра иднина на нашите народи – рече Заев.