Премиерот, Зоран Заев, потврди дека Владата ја добила спогодбата која ја испратила Атина во врска со спорот за името, а, како што рече тој на денешната прес конференција и Македонија ја испратила својата нацрт верзија.
-Спогодбата е стигната и нашата е испратена. Тоа треба да биде алатка која ќе помогне во процесот на подготовка на преговорите кои ќе се одржат во следната фаза во Виена – рече Заев.
Тој одби да навлегува во детали за, како што рече, да им даде шанса на преговорите. На прашањето дали е точно дека фаворит на Грција е предлогот „Горна Македонија“, Заев одоговори дека со грчката страна се уште не е разговарано за географска одредница.
-Можеби во Македонија јас најмногу сакам и верувам во успех на преговорите. Не сме разговарале за конкретно име од наша, ниту од нивна страна – рече Заев.
Тој одби да одговори што содржи нацрт спогодбата од Атина, но рече дека во македонската верзија има технички аспекти за структурата на меѓународниот договор, кој во иднина би се потпишал доколку преговорите резултираат со успех.
-Во нашата нацрт спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви договори, формулации во делот на името, употребата, идентитетските прашања, кодовите. Тие се уште се на маса на преговорите и се празни полиња. Нема ништо ново од последната средба во Виена, нема помрднување на позициите и затоа ништо не може да биде ставено во документ. Важен елемент е меѓународниот договор кој ќе го предложи медијаторот, Метју Нимиц, додека ова се алатки кои можат да бидат од помош. Може воопшто да не бидат составени делови од конечната верзија на договорот. – додаде Заев.