Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, испрати телеграма со сочувство до Амбасадата на САД во Македонија по нападот на геј клубот во Орландо во кој убиени беа 50 луѓе.
-Во мое лично име и во името на Социјалдемократскито сојуз на Македонија изразувам сочувство и длабоко жалење до семејствата на загинатите и пријателскиот народ на САД за терористичкиот чин што се случи во Орландо. Граѓаните во Македонија сочувствуваат со граѓаните на САД, изразуваат солидарност и жалат за загубените човечки животи. Овој ужасен терористички чин е сериозен напад врз основните човекови права и слободи како врвна универзална, цивилизациска вредност, стои во телеграмата.
Заев додава дека универзалните вредности на современата цивилизација и почитувањето на човекови права, слободата, еднаквоста и солидарноста се посилни од теророт и убеден е дека САД ќе излезе уште посилна од овој терористички чин, којшто за жал однесе многу невини животи.