Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато. Денеска се сеќаваме и им се поклонуваме на сите оние кои никогаш не се запрашаа за цената на слободата, правдата и социјалната еднаквост. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание, истакна премиерот Зоран Заев, во честитката по повод државниот празник.
Тој нагласи дека нашите борци од народно-ослободителната војна и сите претходни генерации, што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата.
-Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите!, истакна Заев.
-Да ни биде вековита Република Северна Македонија! Да живее слободата, наведе тој во честитката.