Заев: Има се помалку послушници на режимот во обвинителството ВИДЕО

by fokus

Денеска со моите бранители сум овде пред судот, се води постапка по случајот познат на јавноста како „Поткуп“. Случај кој што според нас е апсолутно монтиран политички процес против шефот на опозицијата и тргнавме денес во постапка токму тоа да го докажуваме. Јас сум овде да барам правда и верувам дека правдата ќе дојде. Како за мене, така и за сите кои што ја бараат правдата“, изјави Заев.

Тој додаде дека денеска барале изземање на јавниот обвинител, поради тоа што  постоеле сериозни индиции дека е дел од група, злосторнички организирана, со политичка мотивација и политички цели.

„За жал јавниот обвинител тоа го одби. После чекање на два часа одлука, а јавниот обвинител кој што тоа го одби е токму јавниот обвинител од „Пуч“.Тоа значи дека има се помалку послушници на режимот во Јавното обвинителство и кругот е се повеќе стеснат. Верувам и ги охрабрувам граѓаните дека правдата ита и таа не може да биде спречена од никој. Доаѓа и ќе има правда во Република Македонија“, додаде лидерот на опозицијата.

Заев одговараше и на новинарски прашања :

Каква постапка очекувате сега откако Ви беше барањето и дали имате право на жалба?

Адвокатскиот тим ќе постапи согласно законот. Знам дека има одредени рокови да го добиеме ние тоа решение, денеска само судот го има добиено. Согласно законските права кои што ги имаме, нашите адвокати ќе постапат и секако, продолжуваме по сите други основи кои што се индиција на докажувањето кое што сакаме да го покажеме дека се работи за политички мотивиран процес кој што апсолутно е еклатантно јасен. Само ќе ја предизвикам јавноста и вас новинарите. Излезе снимката која што Јавниот обвинител треба да ја чува. И тој е единствено одговорен. Таа снимка излезе. Има наредба без моето име и презиме за воспоставување на ПИМ мерки. Има докази дека сум слушан пред самиот овој процес и ПИМ мерките, после овој процес. Сето ова укажува комплетна полициска монтажа. Колку повеќе се обидува режимот да биде нахален по ова прашање, толку повеќе силно ќе биде неговото разобличување кое што ќе остави траен белег во оваа наша Македонија, како не треба да постапува правосудството во Република Македонија. Сето ова како што реков е здраво за Македонија, да истраеме чекор по чекор да ја вратиме државата во нормала.

 

Баравте запирање на постапката, во случај додека не заврши постапката на СЈО за обвинителот Владо Милошевски, зошто?

Правно формално тоа право го имаме заради тоа што обвинител кој што е под истрага за кривично дело, на основа на кривична пријава, дека тоа го прави од политички причини, дека прави тортура врз мене и врз моето семејство, ја објавува снимката, неколку предмети води во Општина Струмица, против мене и вработени граѓани на Струмица. Неколку предмети против високи функционери поставени од опозицијата или од самата опозиција, а нема ниту еден предмет кој што го знаеме против високи функционери на власта и нашите политички опоненти, мислам дека тоа се сериозни докази. Во секоја нормална земја тој треба да ја наведне главата и веднаш да замине, а не да опстојува на предметот заедно со својот колега, каде што заедно ги тераат предметите, под инструкции на мојот политички опонент, вршат комплетно политичко целно поставување на сите овие предмети.

Очекувате ли дека ќе го прифати судот тоа ваше барање?

Вака или онака правдата ќе дојде, јас сум спокоен, растеретен, чекор по чекор никаде не брзаме, тука сме во Македонија, како повеќе одминува времето, така посериозно се разобличува и верувајте тоа ќе биде едно трајно добро и за овој предмет и за многу други предмети во Република Македонија кои ќе му помогнат на правосудниот систем во Република Македонија, во сите реформи кои следуваат, да се врати во нормала.

Какви ви се очекувањата од Управниот суд од екс пратеничката, судијка?

Значи немам ниту позитивни, ниту негативни. Јас сум должен како една од политичките страни која што ја претставувам, да барам институциите да си ја завршат својата работа. Како тие ќе одлучат тоа е нивно право согласно закон и слично. Знам дека ова е процес кој што треба да заврши, со постапки пред Државна изборна комисија, Управен суд.

А што очекувате од Иванов, на кого ќе го даде мандатот?

Член 90 од Уставот на Република Македонија е јасен, тоа вели дека Претседателот на Република Македонија го доделува мандатот на оној претседател на партија, на политичка партија или политички партии, коалиции коишто ќе докажат дека имаат мнозинство во Парламентот. Тоа значи минимум 61 пратеник.

Господине Заев, континуирано обвинувате дека „Пуч“ намерно се одложува, меѓутоа случајот „Поткуп“ неколку пати се одложува на ваше барање?

Јас сум транспарентен и ги кажував причините зошто. Денеска сум овде и влеговме во клинч со процесот. Бараме правда. Не можете да бидете вечерта во Струга и во Охрид и сабајлето во 10 да бидете овде подготвен за своја одбрана. Тоа се рационални причини и секако јас денеска изразив благодарност за разбирањето на судот кој што иако закажуваше неколку пати, сепак еве почна процесот „Поткуп“, после завршена кампања. Тука сум, правдата во Македонија мора да се врати, бегање од тоа нема. Јас верувам дека сум еден од поборниците, во мнозинството во оваа наша Македонија, за враќање повторно Македонија да биде нормална, правна држава.

Поврзани новости