Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска се сретна со претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
На средбата се разменети мислења за актуелната политичка состојба, како и за работата на општината и за предизвиците со кои се соочува општина Центар. Разговарано е за реформите што новата реформска Влада планира да ги направи во локалната самоуправа,со цел ефективно и транспарентно работење на општините исклучиво во интерес на граѓаните.
Градоначалникот Жерновски го информираше претседателот на СДСМ за реализацијата на Програмата на општината и за постигнатите резултати, со оглед дека општината за три ипол години реализираше 230 проекти и покрај сите опструкции од досегашната централна власт, соопштуваат од општина Центар.
На средбата е изразена согласност дека поништувањето на спорните детални урбанистички планови е чекор плус во насока на заштита на интересите на граѓаните и борбата против урбаната мафија.
-Драго ми е што денеска имав можност одблиску да го запознаам претседателот на СДСМ со работата на општина Центар. Како човек со големо искуство и градоначалник во три мандати, кој сега е пред формирање на новата реформска Влада, претседателот на СДСМ, Зоран Заев имаше конструктивни сугестии и идеи што може да придонесат кон натамошен развој на општина Центар, е ставот на градоначалникот Жерновски.
На состанокот градоначалникот, Жерновски и претседателот на СДСМ, Заев, изразија задоволство од досегашната меѓусебна соработка.