Грчкиот премиер Алексис Ципрас и премиерот на Македонија, Зоран Заев, се номинирани за Нобеловата награда за мир за 2019 година од страна на претседателот на Групата на прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Удо Булман, Ска Келер од групата на зелената/Европска слободна алијанса и Габи Цимер од Европската обединета левица – зелена нордиска, пишува денеска грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во заедничката изјава потпишана од Булман, Келер и Цимер се нагласува дека „Преспанскиот договор меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија стави крај на спорот кој трае долго време и носи стабилност во регионот на Западен Балкан”.
Тие подвлекуваат дека Преспанскиот договор, кој беше ратификуван од парламентите на двете земји, е „модел за мирно решавање на меѓународните проблеми преку дијалог и заеднички компромис. Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас имаа политичка храброст да продолжат со договорот и покрај националистичката опозиција.”
-Поради сите овие причини го поддржуваме номинирањето на Алексис Ципрас и Зоран Заев за Нобелова награда за мир за 2019 година од страна на Видед Бушамауи, добитник на Нобеловата награда за мир во 2015 година, велат Келер, Булман и Цимер во заедничката изјава.
-Сега конечно ќе можеме да кажеме: Добредојдовте во Република Северна Македонија”, изјави Булман во писмена порака, додавајќи дека ратификацијата докажува дека прогресивните политички сили можат да ги решат долготрајните несогласувања и да прават тешки компромиси што националистите или конзервативците не успеаја да ги постигнат речиси три децении.
Булман, исто така, им честиташе на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за „историскиот договор кој сега ќе се спроведе.”
Тој, исто така, ги повика земјите-членки на ЕУ да докажат дека оние кои постигнуваат тешки компромиси ќе бидат наградени и ја повика ЕУ да ја покани поранешната југословенска Република Македонија да “ги започне преговорите за членство во Европската унија во јуни 2019 година”.