Заев и Ципрас годинава нема да ја примат Меѓународната награда за мир, доделувањето одложено за 2021

by Frosina Fakova

Поранешните премиери на Северна Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас се овогодишни добитници на Меѓународната награда за мир на Вестфалија, со која им се дава признание за Преспанскиот договор со кој е постигнато решение на спорот за името, но доделувањето поради Ковид-19 се одложува за 2021 година.

Наградата првично требаше да им биде доделена на 19. септември, во рамки на Самитот во Минстер, каде што на посебна панел дискусија требаше да се обратат двајцата поранешни премиери.

-По внимателна проценка и со тешко срце бордот на директори на Економската заедница на Вестфалија и Липе одлучи да ја одложи овогодинешната церемонија поради пандемијата на корона, појасни Рајнхард Зинкан, претседавач на Заедницата.

Урсила вон дер Лејен, претседателка на ЕК, веќе се согласи да одржи говор во чест на Заев и Ципрас.

-Од аспект на безбедност за одржување поголеми настани, едноставно немаме соодветни услови за одржување на ваква церемонија на потребното ниво, како што досега беше пракса, истакна Зинкан. Како алтернативни датуми се разгледуваат 28 август или 2 октомври 2021 година.

Добитниците на наградата биле телефонски контактирани и тие, како што се наведува во соопштението изразиле жалење, но и разбирање за одложувањето.

Заев изјавил дека тој е мошне почестен од наградата и дека таа во македонската јавност е перцепирана како мошне важен сигнал. -Овие времиња на големи заеднички предизвици ја потенцираат потребата од зголемување на соработката истакнал Заев.

Поврзани новости