Заев и Радев со Меркел и Макрон: Се договориле да продолжи дијалогот и да се најде решение

by fokus

Премиерот Зоран Заев во рамките на агендата за учество на Самитот на ЕУ за Западен Балкан оствари заедничка средба со претседателот на Франција Емануел Макрон, канцеларката на Германија Ангела Меркел и претседателот на Република Бугарија Румен Радев.

На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, била изразена посветеноста на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан со што бил потврден стратешкиот интерес на Унијата за ова прашање.

Премиерот Заев изразил благодарност за оваа определба и потенцирал дека е од огромно значење што лидери како претседателот Макрон и канцеларката Меркел преземаат чекори со кои ги помагаат изнаоѓањата на решенија за билатералните спорови, кои влечат корени од минатото.

На средбата претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев го поздравил лидерството на претседателот Макрон и канцеларката Меркел и им се заблагодари на Франција и Германија, кои гледаат напред кон иднината и што помагаат при решавањето на балканските спорови од минатото.

Премиерот Заев на средбата ги изрази очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на својата земја, потенцирајќи дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи.

За време на разговорот биле изразени и заедничките подготвеност и интерес од Северна Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји со намера да се дојде до решение.

Поврзани новости