Од Владата информираат дека во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на Владата користат денови од годишен одмор, а, додаваат од таму, за состојбата со пожарите секојдневно заседавале и одржувале седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носеле сите потребни одлуки.
„Владата секојдневно ги извршува сите свои функции. Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно“, велат од Владата.
Инаку, деновиве теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Арjанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Шакири и Бајдевски, министерката и заменик министерот за образование Царовска и Шабани…
Меѓу оние што користат одмор се министрите Венко Филипче, Бојан Маричиќ, Оливер Спасовски, како и премиерот Зоран Заев, што предизвика остра реакција од опозицијата.
„Вистински предмет на стручна опсервација треба да биде премиерот Заев, штом во услови кога Македонија гори тој може безгрижно да ужива на одмор. Секој одговорен државник кога земјата му е загрозена или се соочува со природна катастрофа, откажува состаноци и активноста, а не пак да замине на одмор. Очигледно на премиерот Заев му е поважен одморот од народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.