На маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, во вторник, на 24 септември, предвидена е средба на Зоран Заев со Кирјакос Мицотакис, според грчки извори, jави дописничката на МИА од Атина.
Ова ќе биде прва средба на премиерите на двете земји, откако по изборите во Грција на почетокот на јули годинава, имаше промена на власта кај јужниот сосед.
Кирјакос Мицотакис утре заминува за Њујорк, каде што ќе присуствува на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации, а освен со премиерот Заев, според информациите од Атина, предвидено е да оствари билатерални средби и со претседателот на САД, Доналд Трамп и со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, како и со претседателите на Србија, Косово, Кипар, Грузија и Колумбија и со премиерите на Албанија, Австралија, Индија и Ерменија, но и со Генералниот секретар на ОН.
Во петок на 27 септември грчкиот премиер ќе има обраќање на Генералното собрание на ОН.
Во грчката делегација што ја предводи премиерот на земјата, се и министерот за надворешни работи Никос Дендиас, заменикот министер под премиерот и владин портпарол Стелиос Пецас, заменикот МНР надлежен за економска дипломатија, Костас Франкојанис и заменикот МНР за дијаспората, Андонис Диаматарис.