Лидерите на власта и опозицијата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, и на денешните митинзи за претставување на кандидатите за градоначалници и советници упатија политички пораки кои ги надминуваат рамките на едни локални избори.
Така, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Кавадарци порача дека не се работи за обични локални избори, туки, според него, за избори на кои се одлучува во каков правец ќе продолжи Македонија.
-Овие избори точно е дека не се парламентарни, но се многу важен тест каква порака ќе испратите. А зошто е важна пораката? Затоа што знаете дека не се живее подобро – рече Мицкоски, според кого исходот од локалните избори ќе води до ново парламентарно мнозинство или предвремени парламентарни избори.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, пак, ја обвини опозицијата дека, доколку дојде на власт, повторно ќе влезе во конфликт со соседите и ќе продолжат да го делат народот со, како што рече, режимски тактики.
-Враќање во режимското минато што само за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ обезбедува нова иднина, на ниту еден граѓанин во државата не му е од полза, ниту пак на Република Северна Македонија, Северна Македонија напредува, чекориме Напред. И тоа е единствената опција за иднината – Напред, бидејќи Најдоброто е можно единствено Напред – порача Заев од Струмица.