Лидерите ги добија решенијата за самоизолација, Заев останува дома уште шест, а Мицкоски уште седум дена

by Fokus

Лидерите на двете најголеми политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски денеска официјално ги добиле решенијата за самоизолација, откако вчера на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче истакна дека и двајцата биле во контакт со новинар позитивен на корона вирусот.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат денеска им ги врачил решенијата на двајцата лидери, со тоа што на нив им останува уште неколку дена да бидат во самоизолација, со оглед на тоа дека тие 14 дена се сметаат од моментот кога го имале последниот контакт со заболениот од Ковид 19.

Уредникот на информативната програма на Канал 5, Гоце Михајловски интервјуто со Заев го прави на 2 април, што значи дека од тој ден се смета дека почнало да тече времето на самоизолација, што значи дека на лидерот на СДСМ му остануваат уште шест дена да биде дома, додека пак Мицкоски чие интервју е само еден ден подоцна, на 3 април му остануваат уште седум дена.

На двајцата лидери им се направени епидмиолошки анкети, односно во тој период со кој се контактирале, но тие засега не можат да заразат никој бидејќи нивните тестови се негативни. Но, тоа не значи дека до периодот од 14 дена не можат да станат позитивни на корона вирусот.

Според процедурата, епидемиолозите прават епидемиолошка анкета со контактите. По добивањето на контактите, Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги изготвува и доставува решенијата за самоизолација на лицата кои биле во контакт со заразен од Ковид 19.

Мицкоски времето на самоизолација го поминува во својот дом во Скопје, додека Заев во неговата родна Струмица.

Денеска, решенија за самоизолација им се доставени и на пет новинари од Канал 5, кои Михајлоски ги посочил во анкетата дека имал контакти со нив.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости