Заев и Курти ги потврдиле добрите односи меѓу Македонија и Косово

by fokus

Добрите односи и новите иницијативи за соработка меѓу Северна Македонија и Косово се од исклучително значење за Западен Балкан и за секоја земја во регионот одделно од аспект на заедничките аспирации за членство во Европската Унија, констатирале на денешната средба во Скопје премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата „Самоопределување“ од Република Косово, Албин Курти.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба,  на која присуствувале и пратениците Мухамед Зекири од Собранието на Република Северна Македонија и новоизбраните пратеници од Самоопределување во косовскиот парламент Фиторе Пацоли и Либурн Алиу, биле потврдени исклучително добрите односи меѓу двете земји, а се разговарало за идната соработка која има силни потенцијали да ги зајакне билатералните врски во интерес на граѓаните на Северна Македонија и Косово.

На средбата како приоритети биле издвоени проектите за инфраструктурно поврзување, меѓу кои, освен автопатот Скопје – Блаце, се посочиле како особено добредојдени патните поврзувања меѓу Тетово и Призрен, како и дооформувањето на капацитетите на граничниот премин Јажинце кои во голема мерка ќе ја олеснат комуникацијата на граѓаните и на бизнис иницијативите меѓу градовите од западниот дел на Северна Македонија и југозападниот регион на Косово.

Поврзани новости