Македонскиот премиер Зоран Заев, во рамки на Бледскиот стратешки форум, оствари средба со премиерот на Словенија Јанез Јанша и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која било потврдено дека проширувањето на ЕУ е приоритет на словенечкото претседателство. Како што соопштија од Владата, тројцата соговорници се согласиле дека земјите од Западен Балкан треба што поскоро да станат членки на Унијата.
„Соговорниците на средбата се согласија дека пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојат позитивни примери од поблиското минато. Заедничка констатација е дека нема простор за други опции освен европски Западен Балкан и дека Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите час поскоро“, стои во владиното соопштение.
Дополнително, на средбата било речено дека до крајот на годината има доволно време Бугарија и Македонија „да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион“.