Заев и Гаши постигнале начелна согласност, ќе има нова средба

Започнале и разговорите за распределба на ресорите.

by fokus

На средбата на премиерот Зоран Заев, и претседателот на политичката партија Алтернатива, Африм Гаши, кои со своите тимови имаа работна средба во Клубот на пратеници е постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата.

Како што соопшти владината прес-служба соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните.

На тој начин, се додава во соопштението, ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се Ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза.

-Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт, стои во соопштението на владината прес-служба.

Во деновите што следат, ќе продолжат консултации во партиите, по што ќе следи и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши со нивните тимови.

Пред почетокот на средбата премиерот Заев не сакаше да коментира ништо, и најави дека по нејзиното одржување ќе следи соопштение.

Поврзани новости