Заев и Гаши неделава ќе договорат и министри

Ги финализираме принципите на заедничко владеење, па следува делот за ресорите.

by Фокус

СДСМ и Алтернатива до крајот на неделава треба да постигнат конечен и детален договор за коалициска соработка, врз основа на кој парламентарното мнозинство ќе се зголеми на 64 пратеници, велат за Фокус извори од двете партии.

-Се уште нема договор кои министерски ресори и други позиции треба да ги преземе Алтернатива, но тоа ќе се дефинира најдоцна до петок – ни изјави висок функционер на СДСМ.

И од Алтеранива велат дека до овој момент нема конкретна понуда, ниту конкретни барања за позициите што треба да ги добие партијата.

-Моментално, ги финализираме принципите на заедничко владеење и програмските определби. Потоа следува делот за ресорите и кадровската политика – ни одговорија од Алтернатива.

Инаку, лидерите на двете партии, Зоран Заев и Африм Гаши, веќе постигнаа начелна согласност за соработка во рамки на владата и притоа најавија консултации околу можните кадровски решенија.

Според неофицијални информации, Алтернатива го пикирала Министерството за здравство, а во комбинација уште се споменуваат министерствата за култура и за образование, како и испразнетото министерско столче во земјоделие.

В.С.

Поврзани новости