ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да удри на СДСМ, туку ќе води лични пресметки, вели лидерот на Левица Димитар Апасиев. Во интервју за „Фокус“, тој потврдува дека своевремено имало обид за поткуп на пратеникот од оваа партија Борислав Крмов. Воедно, посочува дека се уште водат „црвен тефтер“, каде, како што порачува, запишани се стотина луѓе кои треба да бидат уапсени кога Левица ќе дојде на власт.
–Пресметките ќе бидат лични, а не политички. Ако некој се огрешил кон некој челник на ВМРО и го апсел сега ќе му се светат, а не дека тоа ќе биде системска борба против корупција. Големите риби ќе си останат на слобода, Заев ќе си остане, Филипче ќе си остане, сите тие си имаат дадено рака уште претходно, се знае до кај се маваат. Ќе одат во затвор некој втор, трет ешалон, некој што копал јаглен таму – вели Апасиев.
Тој не очекува дека некој влијателен функционер на ДУИ би завршил во затвор, бидејќи, според него, на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ добро им оди коалицирањето, бидејќи ДУИ во два наврати обезбеди двотретинско мнозинство. Коментирајќи jа изјавата што во една прилика ја даде неговиот колега пратеник од Левица Борислав Крмов дека му бил понуден поткуп, Апасиев вели:
„Мене не ми бил понуден, но на Крмов му е понуден. Тоа е кога првпат станавме пратеници. Дошла понудата по струмичка линија и тоа преку бизнис-канали, а не политички. Не за џабе ги освоивме симпатиите со прекарот Неподмитливите, го покажавме тоа и влеваме доверба кај народот за наредни избори да ни дадат супер број на гласови…“
Инаку, тој порачува дека партијата се уште води „црвен тефтер“, каде, како што појаснува, педантно се запишани преку 100 луѓе кои Левица кога ќе дојде на власт ќе ги поапси. Во врска со забелешката дека за да дојдат во таква ситуација, односно за да дојдат на власт Левица мора самостојно да освои 61 пратеник, бидејќи се тешки за коалицирање, Апасиев одговара: „Па не речи два пати, Вучиќ еве сам освојува две третини“.
-Постизборни соработки доаѓаат во предвид и мислам дека Левица треба да се отвора за постизборни соработки, но предизборни не, тоа сакаме да забраниме зашто тоа е лажење на народот. Имате 25 партии во коалиција и викате ДПМНЕ освои 58. Не, 25 партии освоивте 58. А ние сами освоивме 6 – вели лидерот на Левица.
Влатко Стојановски