Премиерот, Зоран Заев, и вицепремиерот, Кочо Анѓушев, бараат јавно извинување од телевизијата Алфа, за погрешно интерпретирана изјава на премиерот. Од Владата со соопштение до јавноста велат дека изјавата на Заев е пренесена неточно и тенденциозно со свесна намера да се наруши угледот на Владата и на двајцата функционери.
Станува збор за прилог со наслов „Заев: Вината на Анѓушев не е докажана“, кој повеќе не може да се најде на веб страната на телевизијата..
Сепак Заев и Анѓушев од ТВ Алфа бараат јавно и децидно извинување за објавениот прилог со следната содржина:
„ТВ Алфа им се извинува на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев за пласираните лажни информации во прилогот насловен „Заев: Вината на Анѓушев не е докажана“. Изјавата на премиерот Заев е неточно и погрешно пренесена со што е објавена лажна вест со која се нанесува штета на угледот на премиерот Зоран Заев и на заменик претседателот на Владата, Кочо Анѓушев“.
Од Владата додаваат дека се бара јавно извинување за објавениот прилог во истот термин и формат (вести) каде е емитуван прилогот. Во спротивно, велат, ќе бидат превземени сите правни механизми вклучувајќи и судска заштита во насока на зачувување на интегритетот на засегнатите страни.