Конечен договор за формирање владина коалиција се очекува на денешната лидерска средба на претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.
Како што соопштија вчера СДСМ и ДУИ, постигнат е сериозен договор меѓу двете партии во преговорите за формирање влада.
За време на викендот и вчера продолжиле интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна стабилна влада на Република Северна Македонија.
– Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада, наведоа вчера од СДСМ.