Заев и 60.000 вработувања

by fokus

Не можам да се оттргнам од впечатокот дека во Македонија на чело со Заев, и во Македонија по Груевски – сѐ е исто, во некои сегменти проширено и надградено, а само Груевски е во Будимпешта

Самоил МАЛЧЕСКИ

Невработеноста е еден од најголемите проблеми со кои Република Македонија се соочува од почетокот на осамостојувањето до денес. Така, во определен временски период, стапката на невработеност достигнуваше неверојатни 39 отсто, за, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во февруари 2017 година, таа да изнесува 22,6 отсто, во 2018 година таа била 20,7 отсто, а пред извесно време ДЗС соопшти дека стапката на невработеност е на историско најниското ниво од околу 18 отсто.

Веројатно понесен од овој невиден „успех“, пред десетина дена Зоран Заев изјави дека ако за неполни три години генерирале околу 60.000 работни места, тогаш зошто за следниот период од четири години да не генерираат уште 100.000 нови работни места. Да не знаев што сѐ овој човек направи во изминативе години и колку пати бесрамно ја излажа јавноста, можеби и ќе поверував на оваа глупост, па немаше да се обидам да ги анализирам податоците што ги публикува ДЗС, кој за оваа намена ја користи Анкетата на работна сила (АРС).

Ако се погледнат подато­ците на ДЗС, кои за пресметките на стапките на вработеност и невработеност ја користи АРС, може да се забележат бројни нелогичности. Некој ќе каже дека тоа не е можно, бидејќи АРС се спроведува во согласност со методолошките препораки на Меѓународната организација на трудот (ILO) и препораките на Европското статистичко биро (Евростат), при што се земени предвид и специфичностите на Република Македонија во оваа област. Што значи дека се земени предвид и специфичностите на Р. Македонија, не е јасно, па затоа да погледнеме некои показатели добиени со АРС.

НЕЛОГИЧНИ ПОДАТОЦИ

Според податоците на ДЗС од АРС, публикувани во статистичките годишници на Р. Македонија, во периодот од 2004 до 2016 година, бројот на вработените се зголемил од 522.995 на 723.550, или за неверојатни 200.555 лица. Притоа повторно, според АРС, бројот на вработените со високо образование е во постојан пораст и тој во периодот од 2004 до 2016 година се зголемил од 78.224 на 173.099 лица, што претставува зголемување од неверојатни 94.875 лица.

Ваквото зголемување, непосредно влијае врз образовната структура на вработените, па така учеството на вработените со високо образование од 14,35 отсто во 2004 година се зголемило на неверојатни 23,92 отсто во 2016 година. Јасно, доколку ова е навистина точно, тоа може да се земе како аргумент за некои тврдења дека Република Македонија со крупни чекори фаќа приклучок кон економски развиените земји.

Меѓутоа, ако се земе предвид дека според неспорните податоци на ДЗС во делот за високото образование, во периодот од 2005 до 2016 година во Република Македонија со диплома за високо образование се стекнале вкупно 102.577 лица, па затоа промената на вкупниот број невработени и вработени со високо образование во 2016 во однос на 2004 година не може да биде 120.047 лица, колку што според АРС истата изнесува.

Исто така, според АРС, вкупниот број вработени и невработени лица со високо образование во 2015 во однос на 2014 година се зголемил за 19.040 лица, а зголемувањето во 2016, во однос на 2015 година, е за фрапантни 22.659 лица.

Последното е апсурден податок, бидејќи соодветните зголемувања кај лицата што се стекнале со диплома за високо образование се 8.315 и 8.100 лица. Тоа значи дека дури и да се занемари морталитетот и масовното иселување на оваа категорија граѓани (доселувања не се бележат) во 2016, во однос на 2014 година, имаме зголемување од 41.669 лица, а тој број можел да се зголеми за најмногу 16.415 лица.

Ваквата разлика од 25.284 лица е доволен аргумент АРС да не се смета за релевантна при пресметувањето на стапките на вработеност и невработеност. Оттука, проблематични се податоците дека во 2017 година имало 740.648 вработени, во 2018 година имало 759.054 вработени, а според вториот број во 2020 година на Месечниот статистички извештај, просекот во првите три тримесечја од 2019 година е неверојатни 794.414 вработени.

АНКЕТАТА НА РАБОТНА СИЛА СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА

Од друга страна, според АРС, бројот на невработените во 2016, 2017, 2018 и просекот во првите три тримесечја на 2019 година бил 225.049, 213.564, 198.569 и 168.070, соодветно. Човек не треба да биде многу умен дека врз основа на овие податоци, квазианалитичарите на Зоран Заев заклучиле дека од 2016 до крајот на 2019 година СДСМ креирал неверојатни 225.049 – 168.070 = 56.979 нови работни места. Абе ајде! Заев и неговите квазиинтелектуалци како да заборавиле дека според релевантните меѓународни институции, во периодот откако се дојдени на власт, државата ја напуштиле повеќе од 100.000 работоспособни државјани на Македонија.

ЛУЃЕТО СЕ ВРАБОТУВААТ, АМА НАДВОР ОД НАШИТЕ ГРАНИЦИ

Имајќи го предвид претходно изнесеното, повеќе од јасно е дека во изминатиот период СДСМ многу малку направи во справување со невработеноста, па така масовното иселување кое го намалува бројот на лицата кои во Македонија бараат работа, го прикажуваат како тие да отвориле дури 60.000 работни места. Замислете што ќе се случи од 1 март до денот на избо­рите?

Имено, имајќи предвид дека по 1 март оваа година Германија го либерализира пазарот на трудот, т.е. ги отвора вратите за работници од земјите што не се членки на ЕУ, логично е да се очекува масовна миграција на работната сила. Поучен од манипулациите со кои СДСМ се служи изминативе години, нема да бидам изненаден ако Зоран Заев бранот на иселување го прикаже како свој успех во борбата со невработеноста и така до 12.4.2020 година, според СДСМ, стапката на невработеност во Македонија да биде под 15 отсто.

Но, настрана од претходно кажаното, за да може да се види што навистина се случувало и да престане да се манипулира со ова горливо прашање, потребна е сеопфатна анализа, која не може да се направи во една колумна и за која се потребни споредливи податоци. Некој ќе се праша зошто споредливи податоци и зошто вработеноста не ја анализирам според бројот на вработените во секторите и одделите на дејност, кои се основа и за пресметување на просечната плата. Постојат два момента зошто во ова мое пишување тоа не го направив. Првиот е, бидејќи овие податоци ДЗС ги има публикувано само до 2018 година, а вториот момент е промената на методологијата во 2018 година што ДЗС ја направил и не е јасно што всушност е променето за да се добијат овие важни податоци.

ГРУЕВИЗАМ И ПО ГРУЕВСКИ

Имајќи го предвид претходно изнесеното, слободно може да се каже дека Зоран Заев и СДСМ не можат да се пофалат со некакви успеси во борбата со невработеноста, освен ако за успех не се сметаат манипулациите со кои се служеше и Груевски, а кои манипулации се наполно идентични, односно се провиден плагијат од времето на груевизмот.

Но, кога сме кај манипулациите ала Груевски, често пати можеме да слушнеме дека изминативе години се години на економски напредок и дека во следниот период треба да се очекуваат позитивните резултати од тоа што досега го направија Зоран Заев и неговите соработници. Но, овие луѓе, што направија? Не многу!

Но, еве на пример, според Народната банка, од четвртиот квартал во 2017 година до вториот квартал во 2019 година, т.е. за една и пол година нето надворешниот долг на државата е зголемен од 2.565,95 на 2.812,83 милиони евра, или просечно годишно зголемување од околу 166 милиони евра.

Јасно, во однос на претходната власт тоа е сериозен успех, бидејќи во периодот од четвртиот квартал во 2006 година до четвртиот квартал 2017 година, долгот на државата порасна од 1.065,56 на 2.565,95 милиони евра, што значи дека во своето единаесетгодишно владеење груевистите државата просечно ја задолжуваа 136,4 милиони евра годишно, па Заев, само продолжи да ги надградува алгоритмите на Груевски.

Понатаму, од моментот кога се дојдени на власт, па до денес, рапидно се намалува природниот прираст на населението, па така во 2019 година за првпат во историјата на Македонија имаме повеќе умрени лица од живородени  деца, и тоа за забележителни 667 лица. Што значи тоа, не треба посебно да се коментира.

Меѓутоа, ако ги прашате Зоран Заев и неговите пајташи, немојте да бидете изненадени ако добиете одговор дека овие податоци покажуваат дека владата што ја предводи Зоран Заев и на ова поле покажува завидни резултати. Но, да престанам да набројувам, бидејќи ако продолжам тешко ќе можам да најдам поле каде Заев и неговите направија навистина нешто вредно, се разбира ако под вредност не спаѓа затекната криминална структура која прво ја обединија, а потоа ја проширија и надградија.

На крајот, сумирајќи го претходно изнесеното, не можам да се оттргнам од впечатокот дека Македонија на чело со Заев, и во Македонија по Груевски – сѐ е исто, во некои сегменти проширено и надградено, а само Груевски е во Будимпешта.

Поврзани новости