Премиерот Зоран Заев денеска со објава на Фејсбук одговори на обвинувањата од дел од јавноста за тоа што рекол дека била присвојувана туѓа историја. Тој се дообјаснува дека не присвојувале Македонците туѓа историја, туку Груевски со антиквизацијата правел идентитетски инжинеринг со што сакал да насади нешто што не било природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен.
-Јас многу често и подолго време јавно говорам за злоупотребата на историјата во политички цели. Така беше и на интервјуто за грчката телевизија Алфа на која бев прашан и одговарав за минатите штетни политики на национализам и антиквизација. Не може мене да ми се накалемува нешто што не јас, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија го правеа 10-11 години. Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита и нивните послушници квазиексперти кои тргнаа во мемдиумска офанзива да оправдаат идентитетски инжинеринг. Не македонскиот народ, туку Груевски и неговата пропаганда спроведоа идентитетски инжинеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен. Спроведоа масивна и масовна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да нѐ скараат со сите соседи. Им успеа цела деценија да нѐ држат во изолација. И додека врвеа и ги поттикнуваа наводните дебати за тоа кои сме и што сме, нѐ фрлија во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети – ЕУ и НАТО. Го уназадија и блокираа целиот процес. И додека го правеа тоа, зад таа димна завеса, ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата. Јас ја вложив целата моја политичка сила за да решам прашања за иднината и за сите идни генерации. Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и поврзуваат нациите, напиша Заев.