Мојот впечаток е дека, граѓаните очекуваат прво администрацијата којашто ја плаќаат да работи поефикасно, а не помалку ефикасно, тоа се моите очекувања. Но секако кога доаѓаат барањата од граѓаните впишани во одредени програми и мерки, должност е ние да ги претставиме пред народот и народот да се изјасни. Прво, како народ треба повеќе да работиме, не помалку, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за предлогот администрацијата да работи само четири часа во петок.
-Но како ветување предизборно на политичките партиципиенти во власта тоа е ставено на ЕНЕР и допрва се отвора дискусија за оваа прашање. И јас верувам дека граѓаните ќе си кажат тоа што е реалноста во државата, а реалноста е прво дека сите ако сакаме швајцарски плати треба да работиме многу повеќе од таа продуктивност што денеска ја имаме, сите еве почнувајќи од себе па секако до сите работници, вработени и во приватниот и во јавниот сектор, дополни Заев.
Според него ефикасноста во јавната администрација е нешто кое што е сериозен фокус и мора да биде фокус.
-Видовме дека функционира целиот систем и со 37-38 % на работа луѓе за време на брановите на пандемијата, функционираше системот и тоа го знаме сите, се е транспарентно и се знае. Тоа само по себе кажува дека веќе постојните капацитети на администрацијата мора да бидат максимално искористени во таа полза и тоа треба да се случува, тоа е очекувањето на граѓаните. Владата внимателно слуша и верувам дека сите заедно ќе ги следиме тие очекувања на граѓаните, појасни Заев.