Премиерот Зоран Заев вечерва присуствуваше и се обрати на свечената академија посветена на празникот Свети Сава.
Пред присутните високи преставници од Република Србија, Босна и Херцеговина, како и од Република Српска, Заев истакна дека му претставува особена чест што е дел од академијата посветена на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ, Свети Сава.
„Честа не е само заради тоа што имам прилика да се обратам пред припадниците на српската заедница во Република Македонија, како и пред угледните гости од Република Србија и Република Српска на оваа свеченост, туку и заради тоа што делото на Свети Сава инспирира и осум века после неговата смрт. Со еден збор, може да се каже дека Свети Сава е духовник и образец на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост ја избираат матрицата за својот личен карактер, а со тоа и карактерот на народот на кој му припаѓаат“, рече Заев.