Премиерот Зоран Заев денеска се појави во Основниот суд Скопје 2, односно Граѓанскиот суд откако поднесе тужба за клевета против новинарот, Зоран Божиновски. Поради ковид-протоколите на новинарите не им било дозволено да присуствуваат во една од малите судници во судот, но по реакцијата на Божиновски, била обезбедна поголема судница.
По рочиштето, Заев изјави дека тој е толерантен човек, но дека се има граница.
– Кога ќе поминат нормалните граници кога ќе бидат повредени чувствата, кога сте исклеветени, кога сте навредени, кога вашите деца се исправени да ве прашаат зошто некој ве кажува дека сте дел од рекет акција, дека сте дел од криминална група, дека правите штета во милионски суми на државата, или слично, ги поминува границите. Верувам дека со личните чекори коишто ги преземаме или не преземаме, а во функција дека многу често не сум преземал дејствија да поднесам тужба освен кога ќе се поминат сите граници и ќе се помине тој меѓник којшто го кажувам, тогаш ја испраќам пораката дека еднаш нешто мора да застане и да престане затоа што е премногу, рече Заев.
Тој очекувал денеска да добие извинување, меѓутоа не го добил, па поради тоа го остава судот да одлучи понатаму.
Божиновски пак во суд го праша премиерот дали било негова лична иницијатива спорот со „Гама“ да се префрли од суд во Собрание и објаснуваше дека Заев ќе завршел во затвор за овој трговски спор. Ова прашање не било дозволено.
Заев го тужи Божиновски за клевета, по објавен фејсбук статус во кој новинарот открива наводен рекет од 60 милиона евра кој го зеле премиерот и тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев.