Премиерот Зоран Заев на денешното сведочење во Кривичниот суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, одговарајќи на прашање на судијката Добрила Кацарска, истакна оти со сигурност може да потврди за едно лице меѓу обвинетите во судницата, дека е меѓу оние за кои тврди дека носеле оружје тој четврток.
Кацарска го праша дали препознава лица во судницата за кои тврди дека носеле оружје, Заев одговори оти тоа може да го потврди за еден од присутните обвинети.
– Можам со сигурност да кажам за едно лице, тоа е Игор Југ, нагласи премиеот, кој појасни дека како пратеник кога влегувал во Собранието ги користел влезовите кои гледаат кон Домот на АРМ и поранешното МНР, а оти сега како премиер влегува низ официјалниот службен влез на зградата.
Одговарајќи на прашање на Кацарска, тој истакна оти на главниот влез постојат заштитни шипки од внатрешната страна за кои. како што рече, не може со сигурност да каже од каков материјал се, но според него тие врати не можат лесно да се отворат доколку на нив се ставени шипки.
– Не постои човечка сила која може да ги отвори тие врати, рече Заев.
Истакна дека според него ставањето на раката на место каде стои оружје за него е посегнување по оружјето, до самиот крај на ситуацијата, ако се укаже прилика за тоа.
– Немаше директен вперен пиштол кон мене, но имаше лице кое се движи лево десно со раката на место на кое носеше оружје, и тоа за мене е посегнување по оружје, одговори Заев на вкрстеното испрашување од одбраната.
Заев нагласи дека тој видел лица кои со поглед барале чиста мета, но веројатно немале храброст да го сторат тоа што планирале да го сторат.