До конгресот на СДСМ денеска предлагаме 120 кандидати за членови на Централниот одбор и девет кандидати за членови на Надзорниот одбор. Следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време, рече денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев во своето обраќање на 26. изборен конгрес на партијата.
Тој додаде дека од овие 120 кандидати, 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади. Како што рече, покрај целосно еднаква застапеност на жените и мажите, имаме и 37,5 проценти застапеност на младите.
Исто така, посочи дека повеќе од две-третини се нови членови на Централниот одбор и Надзорниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
-Со последните измени на статутот, уште повеќе ја демократизиравме партијата, но и го зајакнавме учеството на младите и жените во органите и телата на СДСМ. Следува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање на и менталитетот на политичките партии во земјата, почнувајќи од СДСМ, додаде Заев.
Тој посочи дека новата политика ќе се реализира преку пет клучни столба.
Прво, како што рече, преку обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нашите луѓе. Второ, ангажирање на сите можни капацитети во борба против корупцијата и криминалот.
-Трето, охрабрување на различно мислење, и почитување на туѓи ставови. Четврто, градење на СДСМ за новото време. Млад СДСМ, прв во промените. Петто, поттикнување, подигнување на мотивацијата на нашите граѓани, на целиот наш народ. За реализација на сите овие столбови сметаме на членството, на новот партиско раководство, но и на сите човечки капацитети за СДСМ уште подобро и уште попосветено да им служи на граѓаните и државата, додаде Заев.
Со овој пристап, како што рече, во наредните четири години СДСМ ќе продолжи да биде одлучувачка сила, која носи државнички одлуки.