Премиерот Зоран Заев на прес конференцијата по средбата со турскиот премиер Бинали Јилдирим рече дека тој го осудил обидот за државен удар во Турција во 2016 година.
-Сакам да порачам дека со голема загриженост ги следевме трагичните настани на 15 јули 2016 година. Го осудивме обидот за државен удар и ги поддржуваме демократските избрани институции на Република Турција, рече Заев.
Потоа тој додаде дека со неговиот турски колега разговарале за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Турција.
-Постои интерес од страна на компаниите од Турција за инвестирање во Република Македонија, посебно по стабилизацијата на политички план и отворените перспективи на нашата држава кон Европската унија и кон НАТО. Благодарни сме на Република Турција за големата поддршка што ја дава оваа наша пријателска земја и на полето на инвестициите и за интеграциите на Република Македонија во НАТО. И инвестициите и членството на Република Македонија во НАТО се важни за економскиот развој на нашата држава, како и за остварувањето на нашите стратешки цели и секој искрен пријател на Македонија е драгоцен, а посебно кога станува збор за традиционален, докажан пријател како што е Турција, рече Заев.