Пишува: Насер СЕЛМАНИ
Минатата недела пратеникот и еден од нејекспонираните водачи на Шарената револуција, Павле Богоевски поднесе оставка поради објавена снимка во која се слуша како преку мобилен телефон нарачува некаква наркотична супстанца. Со тоа, Богоевски како носител на јавна функција покажа одредена доблест и демонстрираше сосема нова политичка култура, според која функционерите мора да понесат политичка одговорност кога ќе бидат фатени на дело како кршат закон. Неговиот гест остави посебно позитивен впечаток во јавноста бидејќи во минатото ние бевме навикнати на примери кога високи државни функционери, за кои постоеја сериозни индиции дека извршиле тешки кривични дела, не понесуваа одговорност.
ЌЕ ИМА ЛИ МЕТЛА И ЗА ДРУГИ ШАРЕНИ?
Оставката на Богоевски беше изнуден чекор бидејќи тој беше доведен пред свршен чин и немаше никаков маневарски простор да се извлече. Како истакнат граѓански активист, ако не поднесеше оставка, ќе ги погазеше сите принципи за кои жестоко се бореше за време на Шарената револуција. Тој, исто така, не успеа да го издржи ниту жестокиот притисок од опозицијата и јавноста, која со право го прозиваше постојано дека купување дрога, без разлика за која цел била набавена, го прави недостоен да ја извршува пратеничката функција. Освен тоа, Богоевски мораше да замине од парламентот затоа што беше оставен сам да се справува со оваа непријатна ситуација. Власта не се осмели сериозно да застане во негова одбрана затоа што стравуваше за нејзиниот рејтинг пред граѓаните или пак можеби посакуваше негова политичка елиминација.
Треба да бидеме многу наивни и неупатени да поверуваме дека политичката егзекуција на Богоевски е случаен инцидент, во кој е вклучен еден „нафуран“ вмровски таксист, кој решил да го сними компромитирачкиот разговор за да му се одмазди поради неговата улога во рушењето на режимот на Груевски. По се изгледа дека Богоевски е жртва на метлата на премиерот Зоран Заев, која беше најавена по вториот круг на претседателските избори, кога се виде дека СДСМ губи гласови во македонското избирачко тело. Останува дилемата дали метлата на Заев ќе го зафати само Богоевски или ќе ги опфати и сите останати шарени револуционери, со кои СДСМ од почетокот на формирањето на владата има тензични односи поради суштинските разлики во спроведувањето на реформите и моделот на владеење. Можеби Богоевски треба да послужи како пример за сите останати шарени револуционери, кои играа сериозна улога во рушењето на режимот на Груевски. Пораката е сериозна, ако не престанат одвнатре да ги спорат владините политики, тогаш ќе бидат потиснати од власта.
ВЛАСТА Е ФРУСТРИРАНА
Но, шарените револуционери не се така лесен залак за Заев, кој со еден потег го реши целото партиско раководство, кое демек само се повелкло со цел да си даде можност за ревитализација на партијата. Заев треба да биде свесен дека судирот со шарените ќе го води во директен судир со меѓународниот фактор, посебно со американската администрација и со поголемите земји на Европската унија, кои имаат сериозен удел во финансирањето на невладините организации од каде доаѓа Богоевски. Во СДСМ веројатно разбираат дека критиките на шарените револуционери за начинот на владеењето на новата власт, не се само нивни, туку и на земјите што ги финансираат нив. Затоа тој треба да биде внимателен со оние кои на еден или друг начин му помогнаа да дојде на власт.
Не се исклучува можноста Заев свесно да ги заострува односите со меѓународниот фактор. Тој со право смета дека владата на СДСМ заслужуваше поголема поддршка од западните сојузници, како политичка така и економска, со цел да го амортизира незадоволството на македонското граѓанство по болниот компромис за името со Грција. Владејачкото мнозинство посебно е фрустрирано што иако македонската влада беше подготвена да плати висока политичка цена за договорот со Грција, некои земји на Европската унија уште се мислат да поддржат започнување преговори за членство со Северна Македонија. Ако навистина Франција и Холандија не поддржат преговори за членство со Скопје, тогаш тоа сериозно ќе ја разниша позицијата на владата на Заев, која тешко ќе се одбрани од ударите на агресивната македонска опозиција.
СУДИР СО СТРАНЦИТЕ
Во такви околности, на Заев му преостануваат малку опции на располагање за да преживува политички. Веројатно спас ќе бара во популистички политики и реторики со цел да го набилда партискиот рејтинг пред извесните предвремени парламентарни избори, кои најверојатно ќе бидат распишани за пролет идната година. Може да се очекува тој да ја вжешти реториката против Европската унија, која секогаш знае да носи политички поени кај македонското гласачко тело. Заладувањето на односите со странците, Заев ќе го оддалечи од политички и економски реформи важни за консолидација на земјата и целата енергија ќе ја фокусира на изборната кампања. Можно е да го одврзе ќесето, да ги зголеми платите на администрацијата и на социјалните давачки, иако можеби во буџетот нема да има простор за тоа.
Ако Македонија не добие датум за преговори, можно е СДСМ за изборни потреби да ги заострува и односите со ДУИ. Евентуалниот судир со Ахмети, неминовно ќе ги заостри и меѓуетничките односи, кои како по обичај ќе се инструментализираат за лов на гласови. Ваквото сценарио е реално ако се има предвид што Заев се сретна со бившиот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој ако по нешто се памети од времето на неговото владеење, тоа беше умешноста да фингира меѓуетнички инциденти, кои ги користеше за добивање гласови.
Судирот на Заев со странците е можен и поради уште една друга причина. Можеби има сознанија дека странски дипломати имаат тајни договори со македонската опозиција. ВМРО-ДПМНЕ не го спречи усвојувањето на договорот со Грција и помогна да се избере Стево Пендаровски за претседател на државата. Ваквата кооперативност на опозицијата некој треба некако да ја награди. Како, ако не побрзо да се врати на власт.
Ова песимистичко сценарио може да го спречи само ако Европската унија даде датум за преговори за членство со Северна Македонија. Во тој случај целата политичка енергија ќе биде насочена кон преговорите со Брисел. За нивно успешно водење ќе биде потребна поголема соработка меѓу власта и опозицијата, ништо чудно и во форма на голема коалиција после предвремените избори на почетокот на идната година.