Заев ги спореди очекувањата добри вести од ЕУ со брачен пар кој дознава дека ќе има дете

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, на свеченото отворање на Самитот за Западен Балкан, во организација на „Економист“, зборуваше за очекувањата на добри вести од Европската унија и датумот за почеток на преговори. Заев ја спореди радоста од добри вести од ЕУ, со радоста на брачен пар кога ќе дознае дека очекува бебе.

-Сакам да зборувам денеска за важноста на добрите вести. Очекувањата на добри вести не држи во состојба на страв и надеж. Помислете колку е убав моментот кога ќе слушнете добри вести. Како мало дете кога ќе слушне дека оди на одмор со мама и тато. Како студент кога ќе добие добри вести за испитот. Како брачен пар кога дознава дека очекува дете. Помислете колку е добар моментот кога ќе слушнете добри вести – рече Заев во воведните обраќања на Самитот „Зацврстување на моментумот за Европска интеграција“.

Како што рече тој, во својот мандат имал чест да објави повеќе добри вести, а во контекст на ова го спомена решавањето на спорот со Грција.

-Секогаш ќе се сеќавам кога со Ципрас во Преспа кренавме раце како пријатели кои соопштуваат добри вести на своите народи. Мојата политичка кариера е сведоштво дека морате да земете длабок здив и кога е најтешко и дека во вашата визија треба да бидат граѓаните кои мора да живеат посреќно. Преку самитот на „Економист“ сакаме во светот да одекне добрата вест дека регион е сменет, дека не е повеќе заглавен во безидејна иднина, дека сите заедно градиме кон посветла иднина. Овде сме во исчекување на добрите вести за приближување на регионот кон ЕУ, особено сме задоволни што германскиот Бундестаг гласаше за добивање датум за Северна Македонија и Албанија. Ваквиот потег е препознавање на конкретниот прогрес што земјите го имаат направено – рече Заев.

Тој зборуваше и за поддршката што земјава ја има од своите соседи.

-Нашите соседи ја искажаа јасно свој поддршка за отпочнување преговори на Северна Македонија со ЕУ. Помислете на оној момент – малата земја од Балканот стои исправено, гордо пред членките на ОН бидејќи ја чувствува поддршката на своите соседи кои јасно и гласно ја изразуваат. Ова е нов Балкан, Балкан на 21 век како што знае да каже мојот пријател Ципрас – порача Заев.

Поврзани новости